Кандидатот за градоначалник на Чаир и екс-министер за надворешни работи, Бујар Османи вели дека со години бара да немаме партиски и политички поделби по прашањето за влезот во ЕУ.
-Дајте да потпишеме договор сите партии дека ќе се натпреваруваме за сите можни теми, но ќе постигнеме консензус за ЕУ. Нема поважно прашање за граѓаните. Албанија на 16 октомври и 2 ноември ги отвора последните поглавја и дека ѝ е ветено дека до 2029 година ќе стане членка на ЕУ. Знаете дека Црна Гора со геометриски чекори напред оди кон ЕУ? Ние целата тема ја блокиравме. Нема поголема гаранција од самата Преговарачка рамка – ниту една Резолуција во Парламентот ниту политизирање и барање гаранции не е поголема гаранција од тоа што го има во Преговарачката рамка, рече денеска Османи.
Според кандидатот за градоначалник, со самиот факт што Бугарија прифати во нашиот Устав, Бугарите да влезат како малцинство и како посебен народ, се реши второто прашање – посебноста на македонскиот народ.
-Секој што ја спори Преговарачката рамка, ги спори решенијата што ги најдовме после 30 години. Останува прашањето на интерпретацијата на историјата која што во Протоколот и Рамката не е ставена како обврска туку како „се охрабруваат страните“, со цел еден дијалог до крај на преговорите за да се надминат страните, со разбирање од двете страни, рече Османи, запрашан за предложената Резолуција на СДСМ со црвени линии за евроинтеграциите на земјава и одблокирање на закочените преговори.