Потпретседателот на ДУИ и екс-министер за надворешни работи, Бујар Османи синоќа објави фотографија со својот сопартиец, Крешник Бектеши кој е еден од обвинетите за трагедијата во Кочани.
„Во скопската чаршија бев домаќин на Крешник Бектеши и Арбер Адеми“, сподели Османи на својот профил на социјалните мрежи.
Ова е едно од ретките појавувања на Бектеши во јавноста откако беше обвинет за несреќата во дискотеката „Пулс“.
На 15-ти мај, Основниот суд Кочани го прифати предлогот на Јавното обвинителство за укинување на ефективниот притвор и замена со поблага мерка, куќен притвор, за поранешниот министерот за економија. За потсетување, Бектеши беше во затворски притвор од самиот почеток на истрагата. Екс-министерот е под истрага во врска со лиценца што ја имала фирмата што управувала со објектот во Кочани, а на која потпис ставил Бектеши.
На 13-ти јуни, Обвинителството поднесе обвинение за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во која загинаа 62 луѓе. Обвинети се 34 лица кои со постапувањето или непостапување во системот предизвикале да се случи катастрофата. Во обвинението се опфатени и трите фирми на сопственикот на дискотеката кој е првообвинет.