Претседавачот на ОБСЕ, Бујар Османи во своето обраќање се осврна на три клучни поенти кои го одбележаа Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ: поддршката од ОБСЕ за Украина која се соочува со воената агресија од Руската Федерација, зајакнувањето на ОБСЕ и нејзината иднина и грижата за луѓето како фокус на работата на ОБСЕ.
„Поради сите овие причини, ОБСЕ е потребна за да го поттикне мултилатерализмот и да ја олесни соработката, за луѓето да живеат слободно. Мора да одговориме на овој повик заедно, бидејќи тој не доаѓа од мене како актуелен Претседавач, туку од луѓето од регионот на ОБСЕ – луѓето и граѓаните на нашите земји“, истакна Османи.
Зборувајќи за влијанието на руската воена агресија, Османи потенцираше дека покрај тоа што разорната сила на војната пред сè ги уништи животите на илјадници граѓани и суверената територија на Украина, таа има и негативен ефект врз ОБСЕ и нејзината главна задача – да претставува платформа за дијалог која нуди решенија за безбедносните предизвици.
Во таа насока, релевантноста и потребата на ОБСЕ беше уште позначајна и токму затоа голем дел од мојот ангажман како Претседавач со ОБСЕ беше ставен на зачувување на Организацијата, додаде Османи.
Сепак, она што останува, а што е подеднакво важно како и консензусот по прашањето за Претседавач во 2024 година е и изборот на челници на институциите на ОБСЕ, како и усвојување на буџетот на Организацијата.
„Програмите на ОБСЕ, нејзините теренски операции и механизми за градење доверба придонесуваат за наша поголема сигурност и безбедност. Затоа не смее да дозволиме овие алатки, кои придонесуваат многу во подобрувањето на животот на многу луѓе, да останат неискористени поради нашата внатрешна неусогласеност. Тоа би било парадоксално и неприфатливо, а најмногу предавство на луѓето на кои им служиме“, потенцираше Османи.
Османи повтори дека како Претседавач во изминатата година најмногу време посветил на луѓето и дека ОБСЕ постои и функционира за доброто на луѓето.