Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, во Брисел се обрати пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET), на чија агенда беше пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ.
Османи говореше за историскиот исчекор кој нашата држава го направи со отпочнувањето на пристапните преговори минатата година, за што беше потребна политичка храброст со цел остварување на нашата прва зацртана стратешка цел – членство во ЕУ, во интерес на нашите граѓани.
„Потполно сум свесен за дилемите и стравовите на моите сограѓани дома. Ги почитувам и постојано се трудам аргументирано да дебатирам. Ни претстои неповторлива шанса конечно да отскокнеме и да ја зацврстиме нашата самодоверба, почитување и заедничка мисија. Таа во моментов поради демократски зовриената размена не се препознава добро, но набрзо ќе се соочиме, секој на свој начин, со сопствената одговорност. Напред кон Европа со повеќе интеграција долж патот до полноправно членство или назад повторно кон поделби и залудно изгубено време“, порача Османи.
Министерот ги информираше европратениците, членови на Комисијата за успешниот тек на скрининг процесот на европското законодавство, реафирмирајќи ја нашата посветеност кон зајакнување на функционирањето на демократските институции и на владеењето на правото, како области од клучно значење за натамошниот тек на преговорите.
„Подготвени сме за постигнување консензус меѓу политичките партии за клучните области од реформите и европската агенда и за зајакнување на соработката со Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции како форуми за водење на конструктивна дебата за ЕУ реформите и пристапните преговори“, подвлече Османи.
Гласањето на Нацрт-резолуцијата за Северна Македонија за 2022 година во Комисијата е предвидено за крајот на мај, додека усвојувањето на пленарна седница на Европскиот парламент се очекува кон средината на јуни 2023 година.