Османи од Советот на Европа: Демократиите на удар, безбедносни ризици во Европа без преседан

од Nikola Popovski
245 прегледи

За време на посетата на Советот на Европа, претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи изјави дека демократиите денеска се на удар и дека се соочуваат со безбедносни предизвици без преседан.

„Денешните демократии се нападнати на различни начини. Се соочуваме со безбедносни предизвици без преседан, обележани со руската агресивна војна против Украина. Оваа војна е постојана пречка. Ограничување за се. За мултилатерализам, за дијалог, за договор“, рече Османи, се наведува во соопштението на ОБСЕ.

Тој нагласи дека Украина останува клучен приоритет, но дека ОБСЕ, исто така, придава посебно значење на долгорочните конфликти и регионалната нестабилност во целиот регион на ОБСЕ, кои исто така влијаат на животите на луѓето.

„ОБСЕ има важна улога во решавањето на овие предизвици. Неговите капацитети се корисни за поддршка на мирот и соработката“, кажа Османи.

Тој посочи дека ОБСЕ и Советот на Европа имаат различни, но комплементарни улоги во европската безбедносна архитектура и укажа на важноста на нивните вредности и принципи.

„Ова се моменти кога треба да го зајакнеме нашето партнерство, мисии и вредности. Да работиме и да дејствуваме заедно. Нашата заедничка определба да одржуваме поредок заснован на правила, со почитување на човековите права и достоинство е фундаментална“, посочи Османи.

За време на посетата, претседавачот со ОБСЕ се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со која разговараше за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и начините за натамошно зајакнување на соработката меѓу двете организации.

Османи се сретна и со комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, со која размени мислења за предизвиците за подобрување на човековите права во дадените околности и потребата од зајакнување на соработката на двете организации за таа цел.

„ОБСЕ и Советот на Европа имаат заедничка цел: подобрување на стабилноста и безбедноста засновани на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права во Европа“, рече Османи, додавајќи дека во „времиња без преседан“ соработката меѓу двете организации е поважен од кога било.

Слични содржини