После реализирањето на посетите на Узбекистан и Казахстан во август оваа година, Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи утре ќе престојува во работна посета на Туркменистан.
Посетата на Туркменистан е во рамки на остварувањето на дел од главните заложби од Програмата за Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година и поддршка на работата на теренските операции на ОБСЕ во земјите-учеснички од Централна Азија (ЦА).
Османи во Ашгабат, ќе оствари средби со претседателот на Туркменистан, Сердар Бердимухамедов, министерот за надворешни работи, Рашид Мередов со кого ќе има и прес-конференција, Гурбангули Бердимухамедов, претседателот на Народниот совет на Туркменистан и Дунјагозел Гулманова, претседателка на Парламентот. Покрај средбите со државниот врв, Османи ќе реализира средби и со граѓански организации, претставници на Центарот на ОБСЕ во Ашгабат и резидентни амбасадори на земјите-учеснички на ОБСЕ и партнери од други меѓународни организации.
Соработката на теренските мисии на ОБСЕ во земјите од ЦА е од големо значење за ублажување на последиците од воената агресија на Русија врз Украина. Исто така, Регионот на ЦА е директно изложен на последиците од хуманитарната криза и севкупната ситуација во Авганистан. Рамката за акција на ОБСЕ им помага на земјите-учеснички од овој регион за соодветен одговор на ситуацијата во насока на ублажување на ризиците за стабилноста на ЦА.