Османи: Одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива

од Берта Китинска
188 прегледи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес учествуваше на Форумот за односите меѓу Европската унија и Балканот (EU meets Balkans) во обраќањето на панелот под наслов „Придобивки од интеграцијата”, на кој, модерирани од поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Фередика Могерини, настапија и министерките за надворешни работи од Албанија и Косово, замениците министри за надворешни работи на Босна и Херцеговина и Турција и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, кажа Османи.

Во своето излагање, министерот Османи се осврна на актуелниот геополитички моментум во Европа и неговиот ефект со пошироки последици за Балканот од аспект на безбедноста, стабилноста и економската состојба, но и во светло на евроинтегративните процеси на државите од регионот.

„Во седмиците што следат, одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива. Секое натамошното одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици”, потенцира министерот Османи.

Порачувајќи дека евроинтеграцијата значи подобро справување со заедничките предизвици и уште поважно запечатување на припадноста во семејството на слободниот, демократски и прогресивен свет, министерот Османи истакна:

„Придобивките од интеграцијата во ЕУ се повеќекратни и ние ги живееме речиси 20 години, но тие треба да продолжат, да се негуваат и да се доведат на повисоко ниво – почеток на пристапните преговори, што следствено ќе има поголем трансформативен и мобилизациски ефект”.