Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, на средба со младите порача дека е време за вистинска промена и целосен прекин со хаосот и безредниот начин на управување кој, според него, го води истата група луѓе цели две децении.
„Чаир денес изгледа хаотично, улиците се блокирани, паркинзи нема, депониите се множат, а секој метар зеленило е загрозен од нова дивоградба. Родителите велат дека училиштата не се безбедни, вие младите се жалите дека нема перспектива. Ова е реалноста, нашето секојдневие”, рече Османи пред преполната сала.
Тој ја упати критика кон опонентите, кој, како што рече, 20 години е дел од власта во Чаир, а сега повторно нуди решенија.
„Истиот човек кој две децении го создаваше хаосот, денес сака да ни каже дека е решението. Но сите знаеме, ако 20 години си дел од проблемот, не можеш да бидеш решението денес,” подвлече Османи.
Пред младите, Османи говореше и за сопствената мотивација да се кандидира, потенцирајќи дека во Чаир доаѓа со различно искуство и со докажан пристап во решавање на проблеми:
„Како доктор научив дека проблемите се решаваат со точна дијагноза и конкретна терапија. Како министер и претседавач со ОБСЕ научив дека довербата се гради со резултати и чесна работа. Тој капитал го носам овде и ќе го ставам во служба на младите и на сите граѓани на Чаир,” рече Османи.
На коментарите дека треба да се занимава со „висока политика” наместо со локална, Османи возврати:
„Тие не разбираат дека јас отсекогаш сум служел на луѓето. Секоја позиција за мене е одговорност и секогаш сум се давал целосно. Последниве месеци, откако одлучив да се кандидирам, секое утро во 5 сум на терен, лично да ги видам и разберам проблемите,” рече Османи.
Османи на крај испрати силна порака до младите дека Чаир не смее да остане во стагнација:
„Време е за ред, време е за многу работа, време е за обединување против хаосот и корупцијата. Време е Чаир да добие лидерство кое нема да служи на лични интереси, туку на граѓаните,” заврши Османи.