Османи оптимист дека Собранието ќе ја надмине блокадата, со цел изборите да се одржат во закажаниот термин

од Aleksandar Petrovski
193 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, коментирајќи ја изјавата на премиерот Зоран Заев дека е можно да не поднесе оставка ако опозицијата ги кочи важните закони за граѓаните, рече дека е рано да се разговара за такви екстремни позиции, бидејќи се уште се во фаза на координација меѓу политичките партии.

Османи истакна дека е оптимист дека ќе се надмине состојбата во Собранието и оти ќе нема потреба за одложување на изборите закажани за 12 април следната година.

– Рано е да разговараме за такви екстремни позиции бидејќи се уште сме во фаза на координација меѓу политичките партии. Таквата координација се одвива денеска и со СДСМ, со ВМРО-ДПМНЕ и со ДУИ за тоа како да се надмине оваа блокада во усвојување на законите во Собрание до крајот на оваа година. Сметам дека партиите ќе ги надминат овие партиски позиции и ќе најдеме начин како да ја завршиме успешно оваа агенда на Собранието оваа година и да продолжиме според договорот што е постигнат за одржување на изборите во април, посочи Османи.

Претходно, Заев изјави дека тој не сака изборите да бидат одложени, но оти е можно за тоа да се разговара и тој да не поднесе оставка на функцијата, доколку опозицијата ги блокира процесите за донесување на законите во Собранието коишто, како што оцени, се од животно значење за граѓаните.

Претседателот Стево Пендаровски, синоќа изјави дека нема логика изборите да се одложат бидејќи тие се закажани само неколку месеци пред редовниот термин, како и тоа дека тоа би ги нарушило планирањата на бизнис заедницата.

Слични содржини