Османи оствари одвоени телефонски разговои со Министрите за надворешни работи на Ерменија – Мирзојан и на Азербејџан- Бајрамов

од Radmila Tasevska

Во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 година, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари два одделни телефонски разговори со министерот за надворешни работи на Република Ерменија, Арарат Мирзојан, и министерот за надворешни работи на Република Азербејџан, Џејхун Бајрамов. Разговорите се фокусираа на состојбите во регионот на Јужен Кавказ, со посебен акцент на коридорот Лачин.

Министерот Османи истакна дека внимателно ја следи состојбата околу коридорот Лачин, притоа изразувајќи загриженост за нејзиното влијание врз секојдневниот живот на цивилното население. Во таа насока, тој ги повика сите страни да ги намалат тензиите и да започнат конструктивен и продуктивен дијалог. Османи истакна дека, како дел од пакетот алатки на ОБСЕ, мерките за градење доверба и нормализација на односите меѓу Ерменија и Азербејџан претставуваат клучни елементи за надминување и ублажување на предизвиците со кои се соочуваат луѓето на терен.

Во овој контекст, претседавачот со ОБСЕ Османи ја реафирмираше својата подготвеност за вложување лични напори во насока на смирување на тензиите и обезбедување свој придонес кон напорите за постигнување одржлив мир, најавувајќи и последователни одделни посети на Ерменија и Азербејџан за таа цел.

Слични содржини