Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи попладнево откри која е главната причина за посетата на шефицата на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, која треба да пристигне во земјава кон крајот на месецов. Тој демантираше дека посетата е своевиден притисок врз опозицијата за да се изгласаат уставните измени до крајот на 2023 година.
-Мислам дека претседателката на Комисијата доаѓа со одредени новини по однос на пристапот во интеграцијата, тоа што го зборуваме и бараме со месеци наназад, да видиме бенефити сега и веднаш од европскиот процес, а не само после полноправното членство, одговори Османи на новинарско прашање на прес-конференција во Министерството за надворешни работи.
Претходно премиерот Димитар Ковачевски информира дека Фон дер Лајен ќе го посети Скопје до крајот на октомври, а францускиот претседател Емануел Макрон изразил желба да дојде на средба во земјава.
Фон дер Лајен последен пат беше во Македонија во октомври минатата година, во контекст на војната во Украина и енергетската криза, а целта беше да му се пренесе на регионот дека тој е важен за Европската Унија.