Османи: „Отворен Балкан“ не го почитува принципот на инклузивност

од Vladimir Zorba
326 прегледи

Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ не го почитува принципот на инклузија и не ги третира сите земји подеднакво, изјави претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Во интервју за агенцијата МИНА, Османи вели дека иницијативата во Косово ја анализирале од политичка, но и од експертска страна.

„Дојдовме до одлука, која помина низ многу анализи, дека ова не е иницијатива која ќе го третира Косово како рамноправен партнер. Напротив“, рече Османи.

Таа оцени дека со иницијативата „Отворен Балкан“, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се обидува да го прошири својот хегемонистички пристап во целиот регион и да го третира Косово како нерамноправен партнер, со тоа што не ја признава неговата независност.

Според Османи, големата разлика меѓу „Отворен Балкан“ и другите иницијативи е што другите иницијативи, како и нивните креатори, ги третираат сите земји како еднакви.

„Ние сме за договори кои би го забрзале нашето членство во Европската Унија (ЕУ), наместо да се создаде чекална која дава причина и оправдување на Унијата да не го забрза пристапниот процес“, рече Османи.

Таа рече дека без членството на Западен Балкан во ЕУ не може да има слободна, обединета и мирна Европа, а секако не може да има безбедност на европскиот континент.

„Значи, бевме многу јасни за тоа. Ние ги почитуваме другите земји, но во исто време сакаме да се почитува нашиот став, бидејќи тоа е став кој е разгледан преку многу сериозни проценки на сите неопходни фактори“, рече Османи.

Таа рече дека има бројни иницијативи во кои учествува Косово, додавајќи дека причината за нивното учество е тоа што таму се третираат како еднакви, како и почитување на принципот на инклузивност од првиот ден.

„Значи, во креирањето на овие иницијативи учествуваа сите шест земји од Западен Балкан, наспроти „Отворен Балкан“, кој не е инклузивен или не третира еднакво“, рече Османи.

Претседателката на најмладата држава во Европа посочи дека членството во ЕУ и НАТО е единствениот пат напред за земјите од Западен Балкан.

„Мојата земја никогаш не гледала други опции. Ова не го гледавме само како гледна точка на народот на Косово, туку како визија на секоја влада и институција која досега ја водела државата“, рече Османи.

Таа потсети дека некои земји од регионот се веќе во НАТО, што, додаде, придонело за поголема безбедност во регионот.

Слични содржини