Османи предлага гласање на уставните измени и нивно суспендирање доколку Бугарија нѐ блокира во преговорите

од Nikola Popovski
380 прегледи

Потребно е да се изгласаат уставните измени, во спротивно дебатата ќе се врати за „идентитетот, јазикот и историјата“, вели поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи во емисијата „Дејли клик“.

-Колку сакаат нека зборуваат дека Албанците, во случајов јас, сме наштетиле на македонските интереси. Со Бугарија ја дефокусирав дебатата за јазикот и идентитетот и ја доведов на дебата за малцинствата, за 3.500 Бугари овде и убеден сум дека тоа беше најдобрата одлука за земјата, за македонскиот народ и за сите останати, додал Османи.

Поранешниот министер за надворешни работи предлага измените на Уставот веднаш да се изгласаат и да се додаде клаузула во Законот за спроведување на Уставот дека Собранието може да го прекине нивното дејство „доколку во следните пет години, Бугарија продолжува да ја попречува Македонија за работи кои немаат никаква врска со Европската Унија“.

-Доколку уставните измени се направат денес, ние слободно можеме во Законот за спроведување на Уставот да вметнеме клаузула со која се вели, доколку во наредните 5 години Бугарија продолжува да спречува Северна Македонија за работи кои немаат врска со Европската Унија, Парламентот да има за право да ги суспендира уставните измени, но тие да стапат на сила сега, кажа екс-министерот.

Во меѓувреме, власта веднаш го одби предлогот на Османи.

-Ја видовме изјавата на поранешниот шеф на дипломатијата кој со години беше на чело на таа позиција и цениме дека најмалку има кредибилитет да зборува за оваа тема зашто се сомневаме во искреноста на нивните намери при давањето предлози и решенија за состојбата во која се наоѓаме по однос на ова прашање, рече портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција.

Слични содржини