Прва активност после пристигнувањето во Киев го посетив ОУ “Лицеј бр 2”, кое е еден од првите погодени објекти од руската агресија, соопшти министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој денеска е во посета на Украина, како дел од остварувањето на една од главните заложби од Програмата на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.
Министерот како што истакна посведочил на катастрофалните ефекти од војната што не ги поштеди ниту децата, ниту училиштата.
-Како Организација, ОБСЕ ќе продолжи да ги поддржува процесите на возобновување со цел враќање на нормалниот живот. Ваквите трагедии да останат минато, а детскиот жагор да биде секојдневие, порачал Османи.
Според агендата, Османи треба да се сретне со државниот врв на Украина, а ќе има и заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба. Предвидена е и средба со претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседавачот со ОБСЕ пристигна со воз од Полска во главниот украински град.