Кандидатот за претседател, Бујар Османи истакна дека повеќето политички партии кои сега се во различни блокови, имаат потпишано документ во кој што се обврзуваат дека нема да бидат дел од Влада без јасен договор за уставни измени.
-Затоа сум убеден дека прво ќе има договор, односно уставни измени, а потоа ќе има Влада. Јас, тој период, како претседател, ќе го користам за постигнување надпартиски, државен консензус во однос на овие прашања, рече денеска Османи на прес-конференција.
-Членството во Европската унија е без алтернатива. Земјите од Западен Балкан не може да просперираат сами од своите капацитети и ресурси и затоа е потребно што побргу да се донесат уставните измени и до 2028-та да се затворат сите поглавја, додаде кандидатот на ДУИ за шеф на државата.
Посочи дека идниот претседател треба да е сврзно ткиво на етничките и политичките наративи, компас на геостратешката ориентација и креатор на државниот консензус.
Според него, нема веќе отворање на преговарачката рамка со ЕУ и дека тоа е завршена работа.