Откако вчера бугарскиот претседател Румен Радев рече дека не е здраво да се поставуваат ултиматуми кон Бугарија по изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека јуни е последната шанса за решавање на проблемот со цел тргање на ветото за преговорите со ЕУ, денеска шефот на дипломатијата му одговори на Радев – тоа не уцена туку таква е фактичката состојба.
„Претседателот Радев точно знае за што зборувам бидејќи тоа ѝ е кажано и на Република Бугарија и тука не зборуваме за никакви ултиматуми и условувања кон ЕУ и Бугарија туку е објаснување на фактичката состојба како поминува времето и како Република Бугарија ги обесхрабрува сите конструктивни политички фактори кои се обидуваат да отворат ново поглавје во нашите односи. Сето тоа има последици и врз домашната политичка сцена и во можноста граѓаните и политичките елити конструктивно да придонесуваат кон ова прашање. Тоа е моја проценка дека како поминува времето сè поразреден ќе биде тој политички капитал и таа поддршка на граѓаните за да може да отвориме ново поглавје во нашите односи и сметам дека ова е одлична, можеби и последна можност во која ќе има таков конструктивен политички капитал. Тоа е проценка, не е ултиматум кон ЕУ, ние немаме алтернатива од членството во Унијата ниту од добрососедските односи со Република Бугарија“, рече Османи.