Османи разговарал со Агелер и Дрекслер: „Целосно применување на меѓународните договори претставува обврска за С.Македонија“

од Nikola Popovski
301 прегледи

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денес остварил средби со амбасадорките на Германија и САД во земјава. Според соопштението од МНР, се разговарало за евроинтегративниот пат на С. Македонија.

Османи на средбата со Анџела Агелер ја нагласил неопходноста од почитување на Охридскиот рамковен договор и забрзување на евроинтегративниот процес на земјава како споделен стратешки интерес и гаранција за стабилноста.

-Посветеност за зајакнување на билатералните односи на линија на активностите кои произлегуваат од Стратешкиот дијалог со САД, стои во соопштението за средбата со американската амбасадорка.

Од друга страна, со германската амбасадорка Петра Дрекслер, Османи зборувал за „исполнувањето на условите преку продолжување на реформските процеси и целосно применување на меѓународните договори претставува обврска за С.Македонија за заокружување на европската интеграција“. Вака е наведено во кусото соопштение објавено на профилите на социјалните мрежи на министерот.

„Соединетите Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од продолжувањето со полноправно членство во Европската унија“, порачаа вчера од амбасадата на САД во земјава откако на инаугурацијата на Гордана Силјановска-Давкова беше кажано претходното уставно име на државата Република Македонија.

Германската амбасада упати честитки до претседателката за преземањето на нејзината улога како прва жена претседател на Македонија, оценувајќи го како „историски момент“.

„Историски момент: честитки до претседателката Гордана Сиљановска Давкова за преземањето на нејзината улога како прва жена претседател на Северна Македонија! Се радуваме на натамошниот развој на доверливата соработка и пријателство меѓу Германија и Северна Македонија на патот кон нашата заедничка европска иднина“, објави на Фејсбук Амбасадата на Германија.

Слични содржини