Екс-шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи синоќа изјави дека неговата партија спроведува анкети на терен и дека одат во корист на него, што значи дека граѓаните го поддржуваат таквиот заеднички предлог на коалицијата Европски фронт за кандидат за градоначалник на Општина Чаир.
Османи вели дека нему лично му е важно да седне лице в лице со нив и да види дали би влегле во широка коалиција за Чаир, бидејќи овие локални избори, како што истакнува, имаат повеќе импликации отколку само општинските прашања.
„Размислувам за ова, веќе се дискутира во партијата. Чаир е многу важна општина за ДУИ и Европскиот фронт, но сега сум во фаза да ги слушнам граѓаните, соседите, луѓето од маалата, дали би влегле во таков потфат“, рече членот на партијата на Али Ахмети во емисијата на „360 степени“.
Во однос на тоа дали е можно во октомври да се случи соочување помеѓу него и Изет Меџити од ВЛЕН и што ќе значи тоа за Чаир, тој вели дека станува збор за иста политика без разлика дали ќе се кандидира Висар Ганиу (актуелниот градоначалник) или Меџити и дека Чаир станало место во кое не може да се живее нормално.
На новинарско прашање дали градоначалничката Данела Арсовска е алтер его на ДУИ во активностите за откривање на наводен криминал со дивоградби во општина Чаир, Османи вели дека таа била кандидат на партиите што се дел од ВЛЕН и оти ДУИ своевремено дала поддршка за нејзиниот противкандидат на локалните избори. Исклучува дека партијата од Мала Речица е поврзана на некаков начин со кампањата на Арсовска.