Мораме да бидеме солидарни во процесот со Украина. Ја поддржуваме независноста на земјата, но сметам дека во моментов нема да дојде до ескалација на состојбата, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за тоа дали Македонија размислува да испрати свои војници доколку дојде до конфлит на руско-украинската граница.
Османи посочува дека НАТО не ја загрозува Русија, ниту било која држава, туку само се грижи за колективната безбедност на своите земји-членки.
-Ние само можеме да повикаме на деескалација на ситуацијата како најдобра можност за надминување на тензиите, повлекување на руската војска од границата со Украина и прекинување на хибридните закани кои ни се закануваат на сите земји членки. Доколку дипломатијата не функционира, НАТО мора да биде спремно за заштита на своите членки, а ние сме дел од нив, наведува шефот на дипломатијата во емисијата „Само интервју“.
Османи информира дека досега 40 македонски државјани се пријавиле да се евакуираат од Украина, доколку се појави закана.
-Засега нема потреба од такво нешто, иако договорените аранжмани се како опција. Нашите граѓаните веќе знаат каде треба да се најават, појасни министерот.