Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи смета дека Европската комисија има добар пристап со средствата за земјите-кандидати за членство во ЕУ, кој што, рече тој, ние го промовиравме и го поддржуваме.
-Декември ќе биде историски месец за ЕУ поради одлуките што треба да се донесат Украина, Молдавија и Западен Балкан. Дали ние ќе бидеме подготвени за таква историска одлука, сега за жал, е во рацете на пратениците, кажа Османи во изјава за медиумите.
Околу министерската конференција на ОБСЕ која треба да се одржи на почетокот на декември во Скопје, Османи рече дека се водат разговори во Брисел за тоа кој е ставот на земјите-членки на ЕУ по однос на кандидатурите на земјите-членки кои се дел од ОБСЕ.
-Во комуникација сум со повеќе министри и се надеваме дека во текот на неделата, ќе се расчистат одредени дилеми за да зборуваме за конкретно решение. Се надевам дека сите министри за надворешни работи ќе бидат присутни во Скопје. Ние ги процесуираме сите барања на членовите на руската делегација за визи и доаѓање во земјава. Во моментов се уште немаме решение, одговори Османи.
Се бара начин како да се донесе министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Со евентуалното негово недоаѓање, ќе се комплицира изборот на следниот претседавач за 2024 година, бидејќи одлуките се носат со консензус. Руската Федерација ќе присуствува со свои претставници, но неизвесно е доаѓањето на Лавров.