Османи се сретна со Блинкен: Стратешкото партнерство меѓу С. Македонија и САД претставува основа за нашето долгорочно пријателство

од Nikola Popovski
217 прегледи

„Убава прилика и лично задоволството да се сретнам со Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, овде во Брисел, за време на Советот на министрите за надворешни работи на НАТО. Интересна коинциденција е што и двајцата во оваа прилика ги имавме своите премиери во седиштето на Алијансата; за прв пат и новата американска администрација физички присутна овде во седиштето на НАТО, токму преку присуството на Секретарот Блинкен“, соопшти денес министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Според него, овде во Брисел тоа предизвикува посебен интерес и задоволство за сите присутни.

„Трансатлантските врски се високо на Агендата на овој состанок како една од носечките теми на сесиите на Советот. Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД претставува основа за нашето долгорочно пријателство и ние сме горди што денеска слободно можеме да кажеме дека сме блиски и доверливи сојузници во НАТО“, се вели во објавеното.

На денешните две сесии министрите се осврнале на прашања од стратешки приоритет за алијансата, како што се регионалната стабилност, хибридни и сајбер-предизвици, контрола на оружјето, разоружувањето и непролиферацијата. Била разгледана и стабилноста во соседството на НАТО и борбата против тероризмот, како и состојбите во Авганистан и Ирак.

На посебна сесија министрите ги изнеле своите сугестии и видувања во однос на развојот на документот „НАТО 2030“, кој ќе биде предмет на усвојување на претстојниот состанокот на шефовите на држави и влади на Северноатлантскиот совет.

Во своите излагања министерот Османи ја истакна посветеноста на нашата држава како нов сојузник во рамките на алијансата, во зајакнување на регионалната безбедност, како и активна партиципација во рамките на одржувањето на глобална безбедност.

Османи го потенцирал придонесот на земјата во однос на приоритетите на алијансата во справувањето со безбедносните закани и предизвици. Во тој контекст министерот Османи го истакнал значењето што алијансата го придава на борбата против тероризмот и преземените натамошни активности за справување со оваа закана. Изразил и поддршка на стратешките предлози во врска со натамошниот концептуален развој на иднината на алијансата содржани во „НАТО 2030“.

Слични содржини