Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес имал средба со неговиот бугарски колега, Николај Милков.
Во фокусот на разговорите биле исполнувањето на заедничките обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и остварената соработка во рамките на процесот на унапредување односите меѓу двете држави.
-Продолжувањето на дијалогот преку средби, како и преку реализирање на конкретните проекти се единствениот пат кој ќе доведе до промена на контекстот во кој дејствуваме, како и инвестиција во создавањето блиски и пријателски односи меѓу двете држави и граѓани, обелодени Османи што било тема на разговор.
Во текот на денот бугарското Министерство за надворешни работи ги осуди законските измени во Северна Македонија насочени против контроверзните имиња на здруженија и партии во земјата и потсети дека движењето на Скопје кон Европската унија е поврзано со почитувањето на правата на Бугарите.
-Република Северна Македонија започнува уште една кампања против бугарските организации. Тоа ги загрозува основните права на Бугарите во соседна земја според Европската конвенција за човекови права, како што се правото на здружување, собирање и слобода на верување, рече заменик-министерот за надворешни работи и портпарол на ресорот Костадин Коџабашев.