Османи-Шукри: Во Египет гледаме партнер во унапредувањето и спроведувањето на Медитеранската агенда на ОБСЕ

од Stefanija Kuzmanovska
151 прегледи

Во рамки на идното претседавање со најголемата Организација за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ и во својство на актуелен претседавач со групата Медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Каиро оствари средба со министерот за надворешни работи на Арапска Република Египет, Самех Хасан Шукри Селим.

Како што информираат од Министерството, на средбата биле констатирани традиционално добрите пријателски односи меѓу двете држави, како на билатерален, така и на мултилатерален план, при што биле разменети и мислења за натамошен развој на севкупната соработка.

„Воедно, Османи го информираше соговорникот за приоритетните цели на Северна Македонија во рамки на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, разговараа за интензивирање на соработката со групата медитерански партнери особено дека руската агресија врз Украина и обременетото геополитичко опкружување уште повеќе ја истакнуваат важноста на Медитеранските партнери, како уникатен аранжман што го нуди ОБСЕ за размена на добри практики, дијалог и споделување искуства“, велат од МНР.

„Во Египет гледаме партнер во унапредувањето и спроведувањето на Медитеранската агенда на ОБСЕ и земја на која може да сметаме во справувањето со денешните и иднините глобални безбедносни предизвици“, изјави Османи.

Потенцирал дека Северна Мекедонија како земја која индиректно е поврзана со Медитеранот, има посебен интерес за интензивирање на соработката и комуникацијата со сите земји од Медитеранот.

„Токму на наша иницијатива, овогодинешната медитеранска конференција на ОБСЕ се одржа во Јордан, со што после седум години, оваа конференција повторно се врати кај медитеранските партнери“, рече Османи.

Од МНР додаваат дека соговорниците размениле мислења и за актуелните меѓународни прашања и безбедносните предизвици, како и за надворешно-политичките приоритети и состојби во непосредното опкружување на двете земји.

Слични содржини