Османи: Спремен сум да отидам во „Белата палата“ и да го претставам францускиот предлог и Преговарачката рамка

од Nikola Popovski
153 прегледи

Претседателскиот кандидат и министер за надворешни работи, Бујар Османи оценува дека нема поголем ризик за државата и регионот од тоа САД да го повлечат интересот.

-Сум бил лично сведок во нивното вклучување во најважните успеси. Ноторната декларација на Бугарскиот парламент која што предвидуваше дека патот на Македонија до Брисел поминува само низ јазик, историја и идентитет беше срушена со помош на САД и ЕУ. Тоа е само еден пример како САД беа рамо до рамо со нас во сите важни процеси кои денеска ни обезбедуваат мир и отворени преговори со ЕУ. Милијарда долари имаат дадено за нашата држава во делот на помагање на реформите и општиот развој, изјави Османи презентирајќи ја својата програма.

Кандидатот за претседателот вети дека ќе ги заврши иницијативите започнати во рамките на Стратешкиот дијалог со САД, вклучително и либерализацијата на визите.

-Покомплицирано ќе биде Visa Weiver, или целосното отстранување на визите со САД. Тоа значи донесување на некои нови закони и намалување на процентот на одбиени визи под 3%. Кај нас се уште е висок процентот на одбиени визи. Затоа, формирав меѓуресорско тело на ниво на Влада, кое го водев како министер за надворешни работи, но мислам дека како претседател ќе го издигнам на ниво на претседателство и ќе го водам од улогата на претседател, за да можам со овластување на претседателот брзо да ги одобриме сите мерки што ќе не направат подготвени да шетаме во САД без визи, истакна Османи.

Вели дека многу пати побарал да отиде во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ за да го презентира францускиот предлог и да ги претстави точките. Тој истакна дека и испраќал пораки до лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

-Се нудам и сега. Ќе ја прекинам кампањата и надвор од очите на јавноста – спремен сум да отидам во Белата палата и пред сите нивни членови да одговарам на сите прашања и да го претставам францускиот предлог и Преговарачката рамка. За да видат дека не е точно тоа што го зборуваат и дека ги манипулираат граѓаните. Најголемиот успех на рамката е со помош на САД и Брисел, односно да се сруши бугарската декларација, рече Османи.

-Секој Македонец што денес оди да земе бугарски пасош, го прави заради политиката на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорноста треба да се бара кај нив. Влезете им во кожата на тие луѓе како им е кога одат во Софија и потпишуаат дека имаат бугарско потекло, а знаат дека немаат и тоа го прават само за да преживеат. Тоа е најболниот процес за секој човек. Ова е мојата порака до Мицкоски, додаде шефот на македонската дипломатија.

Слични содржини