Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека преговорите за прием во ЕУ може да бидат прекинати доколку до ноември не го измениме Уставот со воведување на гаранциите за правата на Бугарите кои живеат во нашата земја.
„Јас сум поддржувач дека не треба да губиме време во процесот на завршување на уставните амандмани бидејќи се плашам дека ако до ноември немаме завршени уставни амандмани, преговорите ќе бидат прекинати, ќе го изгубиме моментумот“, рече Османи на прес-конференција.
„Губењето на моментумот“ во преговорите, предупреди тој, е една од најлошите работи што може да се случат на европскиот пат и рече дека се плаши дека во тој случај Северна Македонија „може да западне во некакво црногорско сценарио како што е сега. …од кое е многу тешко да се вратиме, со сите импликации од внатре и однадвор врз имиџот на државата“, рече шефот на македонската дипломатија.
Напомена дека досега имало „одредени неформални координации“ за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, што, како што рече, ги нарекува „кулоарски координации“.
„Мислам дека оваа година треба да започне со формален сет на консултации и јавни расправи во кои ќе бидат вклучени невладините организации, експертите, новинарите, јавноста и сите да разговараат кои се аргументите за и против уставните амандмани“, рече Османи.
Тој посочи дека е важно во таа расправа да се направи разлика дали овие уставни измени се проблематични за интерес на државата, или се работи за партиско-политички интерес, кој сега е измешан и ги дели граѓаните.
„Јас сум убеден дека резултатите од таа дискусија ќе бидат дека уставните амандмани не се оспоруваат по ниту еден основ. Уставните измени не се закана… тие само ја збогатуваат државата, ја прават подобра и со подобар имиџ во светот“, кажа Османи.
Во јули, Северна Македонија официјално ги започна пристапните преговори со Европската унија по 17 години кандидатски статус.
Првата фаза во која ќе се врши „скринингот“ се проценува дека ќе заврши есента годинава, почна со меѓувладината конференција со ЕУ на 19 јули минатата година, но условот за втората фаза за отворањето на поглавјата е внесување на Бугарите во Уставот за кое е потребно двотретинско мнозинство.
Прифаќањето на францускиот предлог во Скопје беше проследено со масовни протести организирани од македонската опозиција која го смета за антимакедонски.
Уставни амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот не се можни без претставници на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ која се противи на овие уставни амандмани.