Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денеска, по повод официјалното преземање на претседавањето со ОБСЕ, истакна дека нашето претседателство ќе се фокусира на благосостојбата на граѓаните.
На седницата на Постојаниот совет на ОБСЕ, Османи ги презентираше приоритетите на претседателството нс Северна Македонија, нагласувајќи дека водењето на оваа институција е голема чест, но и тешка задача.
– Годината што е пред нас не е помалку предизвикувачка. Руската агресија врз Украина продолжува, а нејзините последици ги чувствуваат не само граѓаните на таа земја, туку и пошироко – нагласи тој.
Тој посочи дека довербата во меѓународната заедница е разнишана.
– Наша задача е да реагираме во корист на граѓаните, кои бараат наша поддршка. ОБСЕ е основана заради граѓаните – потсети Османи.
Тој посочи дека земјите потписнички на Хелсиншката повелба, врз основа на која е основана ОБСЕ, се мотивирани од политичката волја да ги интензивираат односите во корист на граѓаните и да придонесат за поголема безбедност.
Според него, ОБСЕ има обврска и капацитет да ги штити интересите на граѓаните.
– Прашање е дали имаме силна волја да ги надминеме предизвиците за безбедноста, мирот и стабилноста. Одговорот на тоа треба да го дадат сите членки на ОБСЕ. Нашиот план за 2023 година е да го поттикнеме духот на соработка – нагласи тој.
Во оваа насока, Османи рече дека е потребно брзо донесување на буџетот, како и дека принципите на ОБСЕ не смеат да бидат само празни зборови.
– Зборовите мора да ги претвориме во дела и да ја обезбедиме функционалноста на ОБСЕ – подвлече тој.
Османи истакна дека Украина останува приоритет на ОБСЕ и дека агресијата мора да престане.
– Свесни сме дека има и други кризи низ регионот што го покрива ОБСЕ. Регионалната нестабилност и потенцијалот за нови конфликти бараат наше внимание – рече тој.
Како земја домаќин на мисијата на ОБСЕ, рече тој, Северна Македонија може да зборува само за придобивките од нејзината работа. Тој рече дека Северна Македонија ќе работи на промовирање, поддршка и зајакнување на работата на ОБСЕ на терен.
– Нашата организација денеска е повеќе од кога било потребна – рече Османи.
Тој посочи дека бидејќи фокусот на македонското претседавање со ОБСЕ ќе биде на граѓаните, планира да назначи специјален пратеник за граѓанското општество.
– На демократијата и треба силно и гласно граѓанско општество – подвлече Османи.
Северна Македонија, вели тој, е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста и за неа е привилегија да може да биде претседавач со ОБСЕ.
Својот говор го заврши со цитат од Мајка Тереза: „Се плашиме за иднината затоа што денес губиме време“ и ги повика сите земји членки да работат заедно за подобра иднина на граѓаните.