Важно е да се определи датум за почеток на преговорите со одобрувањето на новата методологија за проширувањето, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи за Алсат коментирајќи го нон пејперот што Франција го објави, а со кој се предлага нов пристап во преговарачката методологија за проширувањето на ЕУ.
„Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нè носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата“, вели Османи.
Вицепремиерот не прецизира кои точки од методологијата би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес и додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка.
Османи додава дека иако европските институции имаат малку време да ја спроведат оваа методологија, се надева дека тоа ќе се постигне во роковите што се одредени во нон-пејперот.