Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната прес-конференција изјави дека е оптимист за решавање на проблемот со Гоце Делчев со соседна Бугарија.
„Комисиите на двете земји ќе најдат заеднички текст за толкување на тие разлики и за другите историски фигури. Јас лично верувам во стручниот капацитет на нашите историчари и сметам дека ќе најдат решение во тој дел“, посочи Османи.
Министерот за надворешни работи денеска оствари средба со Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, како дел од нејзината работна посета на земјата.
Османи ја запозна Генералната секретарка со приоритетите на надворешната политика на земјата, потенцирајќи ги стабилното и долгорочно пријателство, како ново поглавје во односите со сите соседи; активниот придонес кон мултилатерализмот и регионалните иницијативи за де-балканизација на регионот, како и европските перспективи на земјава како три клучни приоритети, кои претставуваат заеднички интерес на Османи-Брегу:
Република Северна Македонија и Советот за регионална соработка. „Покрај многуте проекти и иницијативи, ги претставив нашите амбиции за отворање до шест нови гранични премини со соседите, како инструмент за поголема и олеснета комуникација во регионот; ја потенцирав нашата иницијатива за отворање на Регионален центар за дијалог – Преспа форум – платформа за промоција на добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде очекувам да произлезат и нови, автентични иницијативи за регионална соработка“, посочи Османи.
Посебен акцент на средбата беше ставен на предизвиците и потенцијалите од претстојниот Софиски самит во рамки на заедничкото претседателство на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.
Соговорниците се согласија дека преку заедничката инвестиција во овие процеси ќе значи зајакнато поврзување, соработка, економски напредок, и со тоа, исклучително позитивно ќе влијаат на зголемување на довербата и меѓу државите и меѓу граѓаните од регионот.