Османи: ВЛЕН ја турка Македонија во опасен правец

од Nikola Popovski
152 прегледи

Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, ја обвини коалицијата ВЛЕН дека ја води земјата во опасна насока на петгодишнината од членството на Македонија во НАТО.

Тој потсети дека пред пет години, на 27 март 2020 година, земјава стана 30-та членка на НАТО, остварувајќи ја долгорочната стратешка цел на земјата.

„Тоа беше моментот кога нашата иднина беше запечатена заедно со западниот свет, во сојуз кој гарантира безбедност, стабилност и просперитет за нашите граѓани. Ова беше резултат на долг ангажман и јасен избор да се биде дел од евроатлантските вредности. Меѓутоа, денес, пет години по овој историски момент, оние кои требаше да ја зацврстат оваа ориентација ја претворија во неизвесен пат. ВЛЕН ја турка државата во опасен правец, оддалечувајќи ја од нејзините стратешки партнери и приближувајќи ја до кинеско-руските интереси кои делуваат преку регионални држави и играчи“, напиша Османи на својот Фејсбук профил.

Тој посочи дека наместо да се зајакне позицијата во НАТО и ЕУ, се гледа политика кој ја остава земјата изложена на влијанија кои се спротивни на нејзините национални интереси.

„Ова не е насоката што ја избраа граѓаните. НАТО не е само членство на хартија, туку континуирана обврска за заштита на нашиот пат кон демократија и стабилност. Ние остануваме цврсто определени кон евро-атлантската ориентација. Тоа е нашиот избор. Тоа е нашата иднина“, додаде екс-шефот на македонската дипломатија.

Слични содржини