Османи: Во ДУИ преовладува ставот за истовремено одржување на парламентарните и претседателските избори, партијата се уште нема официјален став

од Radmila Tasevska
207 прегледи

Во ДУИ преовладува мислењето за одржување парламентарни избори истовремено со претседателските. Партијата се уште нема официјален став во однос на ова прашање, но се прават координации на дневна основа и сите опции се отворени, истакна вечерва министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.

Османи во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 нагласи дека за ДУИ, сепак, се прифатливи двете варијанти.

-Во ДУИ преовладува малку ставот дека, заради логиситички, финансиски и административни причини, треба можеби заедно да се оди. Но, нема се уште утврден став бидејќи не заседавале официјално телата на партијата. Јас очекувам во текот на месецот да се завршат тие состаноци, но сепак преовладува мислење дека на три месеци, два изборни циклуса, премногу ќе ја чинат државата. Не само финансиски, туку системот се парализира, рече тој.

Околу претседателскиот кандидат, Османи рече дека ДУИ се уште нема прецизирано дали ќе настапи со свој. Потенцира дека ги разгледуваат двете варијанти и ќе се позиционираат во зависност од тоа дали ќе има заеднички избори.

Според него, се уште се размислува и за можни предизборни коалиции.

-Не можам да кажам, не знам колку се созреани условите за тоа. Нема финална одлука ни за со СДСМ, но зборувам за опциите што доминираат. Со Алијансата за Албанците постои можност, но ќе видиме како ќе одлучат двете партии, ние сме две самостојни партии, доколку гледаме можност од тоа да се изгради посилна политичка платформа, зошто да не, рече Османи.

Во последните 100 дена пред избори, Османи очекува да се почитува договорот со СДСМ за премиер Албанец и посочи дека Фатмир Битиќи нема да биде кандидат за премиер Албанец.

-Доколку изборите се заеднички, почеток на јануари влегуваме во последните 100 дена и очекувам тогаш да имаме премиер предложен од ДУИ. Доколку е другото сценарио, тогаш се други рокови, меѓутоа договорот останува. Со цела почит кон Битиќи, меѓутоа рековме дека мнозинската волја на Албанците мора да се одразува во институциите, вели Османи.

За изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ДУИ ќе замине во опозиција по изборите, Османи вели дека станува збор за анти-ДУИ кампања и за албанофобија.

-Штом Мицкоски фаворизира албански претставник, тоа кажува се за нив. Мене би ми било незгодно да ме фаворизира Мицкоски. Се сеќавате на Заев кога научи албански и на митинзите велеше: „Псе јо? Зошто да не ДУИ во опозиција“? И после видовте. Во суштината на таква анти-ДУИ кампања е албанофобија, која се обидуваат да ја искористат кај понационалистичко гласачко тело, за да профитираат. Кога се чувствуваат во криза од губење на тврдокорно гласачко тело, одат кон варијанта да ги мобилизираат и нив, за да излезат посилни на изборите, рече потпретседателот на ДУИ.

За опцијата за формирање концентрациска влада по изборите заради носење на уставните измени, Османи вели дека не е разговарано, но трите договори (Рамковниот, со Бугарија и Преспанскиот) за ДУИ се „црвените линии“.

-Државата не може сама без преговарачки процес со ЕУ. Ова одложување и пропуштање на геополитичкиот момент ќе не чини многу и граѓаните ќе сфатат за неколку месеци што им направи опозицијата со блокирање на процесот, рече Османи.

Слични содржини