Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска пристигнува во дводневна работна посета на Бугарија.
За време на престојот во Софија, тој ќе има средба со шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, со бугарскиот премиер Галаб Донев, како и со лидерите на главните парламентарни партии.
Предвидена е средба со претседателотна ГЕРБ Бојко Борисов, со Кирил Петков од „Продолжуваме со промените“, со Мустафа Карадаи – лидер на ДПС, со претседателката на БСП Корнелија Нинова, со Христо Иванов од ДБ и со лидерот на „ Бугарски подем“ Стефан Јанев, прецизирале од прес-службата на македонското МНР.
За време на разговорите се очекува да се разговара за актуелните прашања од билатералните односи меѓу Софија и Скопје, спроведувањето на обврските преземени во Протоколот и Договорот за пријателство, геополитичките предизвици, соработката во НАТО, како и можностите за продлабочување на економскиот дијалог меѓу двете земји.
Николај Милков и Бујар Османи ќе учествуваат на тркалезна маса организирана од Центарот за изучување на демократијата на тема „Промовирање на конструктивни можности во Бугарија и Северна Македонија“.
Бугарија е домаќин на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Централноевропската иницијатива (ЦЕИ), на кој Северна Македонија ќе ја претставува Бујар Османи.