ОБСЕ вложува сериозни напори во поддршка на реформските процеси, меѓу другото и за учество на жените во безбедносните институции во земјите членки на Организацијата. Проектите кои ОБСЕ ги имплементира се од голема поддршка за државата и директна придобивка за граѓаните на земјата, истакна претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи, за време на посетата на ПЦ Ѓорче Петров.
Османи заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се сретнаа со жени припаднички на полициските единици кои се корисници на обука во рамките на програми на Мисијата на ОБСЕ.
„Една од активностите која е од голема полза за општеството, а тоа е обуката која ја имаат жените припадници на полициските единици. Зголемувањето на вклученоста на жените во сите области на општественото живеење, а посебно во доменот на безбедноста е една од главните заложби и приоритети во претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. За поздравување е што низ вакви и други проекти Мисијата на ОБСЕ дава поддршка и вложува напори да помогне во процесите на подобрување и на професионалноста во јавната администрација“, изјави Османи, Претседавач со ОБСЕ.
Тој истакна дека програмите на ОБСЕ се во согласност со приоритетните цели на Владата и претставуваат израз на партнерство, што е од голема вредност за сите страни.
Османи денеска ја имаше својата прва теренска мисија во својство на Претседавач. Тој ја посети и мисијата на ОБСЕ во Скопје каде се сретна со шефот на мисијата, амбасадорот Килиан Вал.