Кандидатот за претседател и министер за надворешни работи, Бујар Османи, реагираше на критиките на Владата на Косово дека тој лично го смислил планот на ОБСЕ за деескалација на северот на Косово, според кој, како што тврдат, се бара повлекување на косовските сили од северот на земјата. Османи порачал дека документот барал растојание меѓу специјалните сили на косовската полиција и војската на Србија, за да не дојде до конфликт.
Османи одговорил дека е „голема лага“ дека ОБСЕ барало Косово да ја повлече „контролата врз северот“, пренесува „Газета Експрес“.
„Ние како ОБСЕ побаравме да се создаде физичка дистанца меѓу специјалните сили и српската армија. Голема лага беше дека сме барале од Косово да ја повлече контролата врз северот. Сакавме само вооружените сили да се држат настрана едни од други, за да нема физички контакт, бидејќи тоа може да создаде нова реалност која беше на линијата на промена на границите“, рекол Османи.
Тој објаснил дека по локалните избори на северот на Косово и тензиите поради доаѓањето на албанските градоначалници во четири северни општини, српската армија го зголемила присуството на своите сили на преминот со Косово и дека Косово испратило специјални сили на северот, со што било неопходно да се спречи потенцијален конфликт.
Шефот на македонската дипломатија потсетил дека како тогашен претседавач со ОБСЕ посетил неколку градови во Косово, а разговарал и со премиерот Албин Курти.
„Локалната администрација не можеше да влезе во општинските згради. ОБСЕ има свои циклуси во спречување конфликти. Тогаш ние имавме информации дека конфликт или физички контакт меѓу косовските специјални сили и српската армија може да ја ескалира ситуацијата и може да резултира со повторно обележување на српската позиција на северот на Косово. Србија планираше да влезе на северот, како што се случи подоцна во Бањска“, предупредил Османи.