Да не беше „20%“, да стоеше албански јазик, пописот ќе беше обична статистичка операција бидејќи од процентите немаше да зависи корпусот на колективните права. Тоа поттикна демографска трка која што ги вознемирува граѓаните со проценти, вели министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи за формулацијата „20 проценти“.
Тој синоќа истакна дека ова прашање не би го ставил во етничките агенди на албанските политички партии.
-Тоа е прашање не ги засега само Албанците. Албанците суштински го имаат јазикот во официјална употреба. Сметам дека е процес на созревање на условите во општеството, за да сите партии кажат „добро тогаш такво било времето 2001 година, требало да се најде некоја хибридна варијанта да биде така“. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го споделуваат тоа размислување. Сметам дека е грешка доколку албанските партии го претставуваат како некоја нова концесија кон Албанците. Воопшто не е така. Албанците не треба ова да го претстават како етничка агенда, рече Осмсни во емисијата „24 анализа“.
Според него, „лошо звучи за било која партија ако каже јас ја условувам европската агенда со било што“.
-Тоа не прави услуга на ниту една партија. ЕУ е наша консензуална заложба и не треба да ја ставиме во цена со ништо друго, порача Османи.