Османи за ЕФЕ: Одложувањето на почетокот на преговорите со С.Македонија би било сериозна геостратешка грешка

од Vladimir Zorba
174 прегледи

Северна Македонија стана лакмусов тест за кредибилитетот на процесот на проширување на Европската унија, и затоа преговорите за нејзино пристапување во Унијата не смеат и понатаму да се одложуваат, истакнува министерот за надворешни работи, Бујар Османи во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ.

– Одложувањето на почетокот на преговорите, кои ја засегаат и Албанија, би било сериозна геостратешка грешка бидејќи ќе има последици за целиот балкански регион, нагласува Османи.

Напредокот на Северна Македонија во прифаќањето на различностите, помирувањето и односите со соседните земји, според него, треба да се гледа како репер за регионот и да биде награден. Поради тоа, вели Османи, многу е важно ЕУ да најде начин да ги започне пристапните преговори без понатамошно одложување.

ЕФЕ потсетува дека пред само една година, на самитот во март 2020 година, шефовите на држави и влади на ЕУ го одобрија отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Но, процесот беше запрен во случајот на Северна Македонија со ветото на Бугарија, која бара нејзиниот сосед да признае дека двете земји имаат заедничка историја и јазик. Владата на Софија смета дека луѓето во Северна Македонија се Бугари кои зборуваат на дијалект на бугарски јазик, на кои комунистичкиот режим на Југославија им дал нов идентитет и јазик „македонски“.

Министерот Османи, сепак, е уверен дека по парламентарните избори во Бугарија во април ќе се отвори патот за порационален пристап што ќе овозможи решавање на билатералните разлики.

Според Османи, сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија, го поддржуваат текстот предложен од Европската комисија за рамката за преговори со која формално ќе се воспостави пристапниот дијалог.