Институциите треба да постапат, како и за секој граѓанин, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање околу инцидентот со синот на поранешен функционер на ДУИ, кој го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски.
-Штом рековте поранешен, не се чувствувам повикан да коментирам, бидејќи тоа се граѓани, како и сите други граѓани. Институциите треба да постапат, како и за секој граѓанин, рече Османи, додавајќи дека да беа функционери на партијата можеби ќе изнел свој став.
-Го видов видеото и го осудувам настанот со физичкиот напад врз првиот човек на РКЕ, изјави денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, при што информира дека се слушнал со Марко Бислимовски и дека напаѓачот му се извинил за настанот.
Тој додаде дека не верува дека ова може да влијае во загрозување на енергетскиот сектор во државата.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека Аријанит Џафери не му се извинил на преседателот Марко Бислимоски по инцидентот во понеделникот на улица „Боемска“.
-Досега Џафери не му се извинил на претседателот Бислимоски, ни изјави Марина Узунов портпаролка на РКЕ.