Османи за инцидентот на скопскиот аеродром: Обид за понижување на Косово

од Nikola Popovski
121 прегледи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи вчера изјавилa дека инцидентот што се случи на скопскиот аеродром во месец август е обид за понижување на државата Косово. Таа во интервју за медиумот „Kallxo “ истакнала дека „Северна Македонија го прекршила секој принцип на меѓународното право кога побарале да ѝ бидат проверени чантата и телефонот“.

Вели дека би било ризик за националната безбедност доколку го предаде телефонот.

„Што се случи со Македонија што почна да ги крши меѓународните права е прашањето. Го прекршија секој принцип на меѓународното право според кое на претседателот на една република не му се проверува чантата, а камоли телефонот. И покрај тоа, веднаш ја ставив на скенер затоа што видов дека сакаат да направат проблем, но инсистираа да го земат и телефонот. Тој е моја работна алатка, комуницирам со безбедносни институции, дури има и класифицирани работи и се разбира дека не можам да го ​​предадам затоа што би било закана за националната безбедност на мојата земја“, изјавила Османи.

Косовската претседателката истакнала дека „Северна Македонија одговорила со изразување жалење и велејќи дека такво нешто нема да се повтори“.

„Министерството за надворешни работи (на Косово) испрати протестна нота и колку што можам да видам, Република Северна Македонија возврати со одговор во кој изразува жалење што тоа нема да се повтори. Но, за жалење е што ова е искористено од политички причини за да се покаже крајна омраза кон Албанците, што е преточено во многу закани по животот“, рекла Османи.

Таа била прашана дали за ова прашање ја контактирал премиерот на Косово, Албин Курти.

„Не, во ниту еден момент. Тоа е прашање што можете да му го поставите на премиерот, но вакво понижување никогаш не е направено за државата Косово“, одговорила таа.

По повод инцидентот, МВР поднесе кривична пријава против шефот на обезбедувањето на спикерот Африм Гаши. Тој е суспендиран од работа и ќе одговара за нарушување на безбедноста. Дисциплинска постапка е поведена и против двајца полицајци.

Агенцијата за цивилно воздухопловство, АЦВ го објави извештајот за инцидентот од 1 август на скопскиот аеродром. Во него стои дека безбедносните служби на скопскиот аеродром постапиле професионално и согласно меѓународните правила во врска со случајот со претседателката на Косово. Според Агенцијата, тимот на инспектори не констатирал неправилности, а се истакнува дека ова не е првпат Османи да одбие безбедносни проверки на аеродромот.

Слични содржини