Османи за протерувањето на дипломатот од Русија: Ова е само возвратна политичка одлука

од Берта Китинска
467 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на својот Твитер профил напиша дека жали за одлуката на Русија за протерувањето на македонски дипломат и смета дека таа е неоправдана.

„Жалам за непоправданата одлука на Министерството за надворешни работи на Русија, ова е само возвратна политичка одлука. Ова несомнено ќе влијае негативно на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Руската Федерација“, напиша Османи на Твитер.

Русија денеска прогласи за персона нон-грата вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва како противмерка, објави руското Министерство за надворешни работи.

„Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадор на РС Македонија во Руската Федерација, беше повикана во руското Министерство за надворешни работи на 10 јуни, каде што и беше врачена нота, со која се прогласува за персона нон-грата вработен во Амбасадата на Северна Македонија во Москва“, се вели во соопштението на Министерството.

Оваа мерка е одговор на одлука на македонската страна во мај годинава да се прогласи за персона нон грата дипломат на руската амбасада во Скопје, се објаснува во соопштението.

Министерството за надворешни работи на Северна Македонија протера руски дипломат на крајот на мај. По ваквиот потег на Македонија, руската дипломатска мисија во Скопје објави дека Москва размислува за контрамерки.

Слични содржини