Претседателката на Косово, Вјоса Османи смета дека посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Македонија била погрешно разбрана, додавајќи дека истакнувањето на знамето на „Голема Албанија“ во Тетово не било организирано, туку граѓани го донеле самоиницијативно, пренесува приштинска „Коха“.
Османи истакнала дека Северна Македонија е „еден од најдрагоцените соседи на Косово“.
Тоа е иницијатива на граѓани, а не нешто што е планирано од организаторите. На собирите никој од организаторите не ги проверува граѓаните што имаат во рака. Се разбира, доколку институциите на Северна Македонија се сомневаат, нашето единствено барање како Република Косово е се да се направи во согласност со највисоките меѓународни стандарди за заштита на човековите права и немнозинската заедница и секогаш со почитување на државотворната улога што ја одигра албанската заедница во градењето на државата Северна Македонија, навела Османи.
Таа посочила дека албанската заедница која живее во Македонија продолжува да придонесува за изградбата на земјата и дека тоа го знаат македонските институции.
Верувам дека тоа е мало недоразбирање. Кога ќе имаме взаемна волја, која секогаш сме ја докажувале, тоа ќе биде надминато, знаејќи дека сите косовски институции се заинтересирани за уште повеќе позитивни односи со Северна Македонија, рекла Османи.
Македонските политички фактори, но и дел од јавноста настапот на Курти го гледаат како националистички, за време на чиј говор, пред илјадници поддржувачи во Тетово, јавно беше истакнато знамето на „Голема Албанија“.
На ова реагираше и македонскиот претседател Стево Пендаровски кој рече дека „нагласувањето на провокативната националистичка иконографија поттикнува омраза и етничка нетрпеливост и ги нарушува основните вредности на Охридскиот рамковен договор“. Тој повика организаторите на собирите во Тетово и Чаир да бидат законски санкционирани.
Реагираше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој рече дека „промоцијата“ на Курти на „Голема Албанија“ во Македонија се заканува да го дестабилизира регионот.