Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, реагираше по објавата дека Предлог-законот за фер и соодветна застапеност добил позитивно мислење од Венецијанската комисија.
Османи вели дека предметниот предлог-закон не може да го замени механизмот „Балансер“, бидејќи според него, има неколку недостатоци.
„Зошто новиот закон за „фер и соодветна застапеност“ е слаб и не може да биде замена за „Балансерот“, бидејќи повеќе не е задолжителен, туку ориентирачки. Бидејќи не дејствува автоматски, туку зависи од волјата на администрацијата. Бидејќи не го блокира донесувањето одлуки кога е нарушена застапеноста, туку само ја евидентира. Бидејќи не дејствува ex ante туку ex post. Бидејќи не создава директни правни последици за непочитување. Бидејќи ја поместува еднаквоста од закон во јавна политика. Бидејќи дозволува толкување, одложување и релативизација. Бидејќи не гарантира вистинска застапеност, туку управување со застапеноста. Балансерот функционираше затоа што не оставаше простор за импровизација. Овој закон остава само простор. А кога законот создава простор, нееднаквоста секогаш го експлоатира. Не треба да помине!“, напиша Османи.
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираа од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи.
Со овој закон ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
-Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот. Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата – се вели во соопштението од Кабинетот на Фетаи.