Oсмани: Западен Балкан не е изолиран остров, туку се наоѓа во срцето на Европа

од Берта Китинска
234 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес учествуваше на меѓународната научна конференција на тема “Балканот меѓу европската интеграција и регионалната соработка”, во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.

Во обраќањето, Министерот се осврна на процесите на евроинтеграција и регионална соработка, оценувајќи ги како наша стратешка определба и избор за иднината. Истакна дека целосната интеграција во ЕУ на сите земји од регионот е најрационалното и најлогичното сценарио, што ќе биде во функција на создавање на Унија која ќе егзистира обединета, просперитетна и во мир.

“Западен Балкан или како што повеќе сакам да го именувам, Југоисточна Европа не е изолиран остров, туку се наоѓа во срцето на Европа. Сите наши врски, сите наши патишта се вкрстуваат со ЕУ. Процесот на евроинтеграција и процесот на регионална соработка се комплементарни и водат кон истата цел, членство во ЕУ на овој регион.” истакна министерот Османи.

На настанот се обратија и многубројни претставници на академската фела од земјата, регионот и пошироко.