Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска рече дека е во комуникација со институциите околу претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“.
Тој остро го осуди овој напад и повика надлежните да го расчистат случајот.
-Уште од вчера сум во комуникација. Колку што знам напаѓачите се идентификувани и се работи за да се изведат пред лицето на правдата. Често зборувам дека најголемиот квалитет на оваа држава кој што макотрпно го изградивме е меѓуетничкиот соживот, толеранција, мирот и почитување на другиот. Нема да дозволиме никој поради дали политички интереси или било кој други погледи да го загрози тоа што го постигнавме во сите овие децении. Очекувам веднаш после оваа прес-конференција и да го посетам нападнатиот бидејќи се работи за граѓанин на С. Македонија и во оваа држава никој не треба да биде нападнат поради својот идентитет, чувства, мислења и ставови. Сите мораме да реагираме за да не се случи повторно, рече меѓу другото Османи на прес-конференција во МНР.