Коосновачот на Ватсап, Брајан Актон започна во Твитер кампања „Избришете го Фејсбук“. Под хаштагот #deletefacebook тој ја објаснува штетата од социјалната мрежа на Марк Зукерберг, откако избувна скандалот со следење на личните податоци, соопштува „Дејли мејл“.
„Време е. Избришете го Фејсбук“, повика Актон додека бранот незадоволство против Фејсбук станува се поголемо по откритија за врската на компанијата со „Кембриџ Аналитика“, која користела лични податоци на корисниците.
Актон го продаде Ватсап на Фејсбук за 19 милијарди долари во 2014 година, што е најголемата зделка во историјата на Фејсбук. Иако токму Зукерберг го направи милијардер, тој ги советува луѓето да ја бојкотираат неговата социјална мрежа со оглед на нивната безбедност.
Актон работеше неколку години во Ватсап, а потоа замина и основа своја фондација. Тој аплицираше за работа во Фејсбук во 2009 година, но бил одбиен.