
Со актуелната општествено-политичка криза, која во основа претставува скандалозна ерозија на институциите на системот и целосен недостиг на принципот на одговорност, Македонија се оттргнува од европската перспектива, сметаат членови од првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ кои денеска испратија соопштение во пресрет на утрешниот 25. роденден на партијата.
Ви го пренесуваме нивното соопштение:
„На годишнината на основањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да укажеме на позицијата на нашата партија, посебно со оглед на нејзината врска со историското ВМРО. Таа била движење со огромна сплотувачка сила на целиот македонски народ и на сите етникуми во Македонија како меѓу браќа и сестри по судбина. А била тоа заради високите норми на морална чистота и подготвеност на саможртва борејќи се за своја држава.
Кои се денес претпоставките за стабилноста и просперитетот на државата?
Хармонизирани социјални и меѓуетнички односи, добрососедски односи и интеграција во ЕУ и НАТО.
Со актуелната општествено-политичка криза, која во основа претставува скандалозна ерозија на институциите на системот и целосен недостиг на принципот на одговорност, Македонија се оттргнува од таа перспектива.
Нашата партија има посебна одговорност и како фактор на ваквата состојба, и како фактор за излегување од неа.
Како носител на големата идеја за создавање и зацврстување на Македонија како држава, ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе во пресрет на граѓанското движење дома и на барањата на меѓународната заедница, заради постигнување на консензус на општограѓанско помирување и враќање на државата на патот на кој ја поставивме пред четвртина век. Патот на самостојната, стабилна, демократска и социјална Република Македонија на рамноправни граѓани, интегрирана во ЕУ и НАТО.“
Ратка Димитрова
Јордан Бошков
Билјана Лазаревска
Горан Зафировски
Цветан Јовчевски
Никола Апостолоски
Благоја Чкатровски
Ташко Киров Костенчев
Боркo Ѓорчевски