Основци од „Ѓорѓија Пулевски“ со симптоми на труење

од Nikola Popovski
20 прегледи

Ученици од скопското основно училиште „Ѓорѓија Пулевски“ се пожалиле на стомачни тегоби, дијареа и повраќање. Дел од медиумите наведоа дека родителите ги информирале директорот и наставниците за инцидентот, по што кујната во училиштето била затворена и денес не се подготвува топол оброк.

Известување за случајот е пратено до сите релевантни институции, кои треба да утврдат дали храната од училишната кујна е причината за труењето на учениците.

– Во раните утрински часови одреден број од наставниците пријавија зголемен број отсутни ученици со исти симптоми. Како училиште веднаш ја затворивме кујната, го спречивме топлиот оброк, дел од учениците од целодневна настава беа испратени дома бидејќи не може да останат долго време без топол оброк. Од 360 ученици кои се хранат во целодневна настава, околу 140 ученици се со исти, слични симптоми, изјави денеска директорот на основното општинско училиште, Александар Филипчев.

Од општинската организација на Левица во Аеродром соопштија дека освен децата затруени се и повеќето од наставниците.

-Денес во школото за овие класови наставата е прекината и не се знае кога ќе продолжи. За сега надлежните на чело со општината и директорот молчат и нема никаква реакција од нивна страна за да се запознае јавноста со овој скандал чија жртва се најмладите, односно децата од прво до трето одделение.

Потсетуваме дека фирмата „Стара Ванила“ која ја носи храната на доработка во училишната менза оваа година го зголеми износот што се плаќа за хранарина на децата за 10% во однос на лани.

Ја повикуваме општината и надлежните веднаш да го обелоденат овој скандал во јавноста и да ги повикаат другите надлежни институции да извршат истрага и да се најде што поскоро виновникот за масовното труење и да се бара соодветна казна за сторителот, стои во соопштението од огранокот на Левица.

Се чека реакција од АХВ и Институтот за јавно здравје.

Слични содржини