Собранието донесе историска одлука. Македонија избра светла иднина наместо изолација, изјави денеска Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата.
Патот кон полноправно членство во ЕУ и во НАТО е отворен, а најголема заслуга за тоа, нагласи, имаат граѓаните, но и 80 пратеници во Собранието кои слободно, по сопствено убедување и низ демократска постапка гласаа за иднина во ЕУ и НАТО.
– Христијан Мицковски, Никола Груевски и раководството на ВМРО – ДПМНЕ вчера уште еднаш потврдија дека се антизападни и антимакедонски партиски фигури кои на Македонија и носат само зло, поделби, криминал и сиромаштија, рече Костадинов.
Според него, сега Македонија е уште повеќе подготвена за нејзината просперитетна европска инднина за која сите ние, потенцира, се боревме 27 години.
– Сите ние сме дел од еден историски момент. Тој историски момент повикува на обединување. Тоа ни е потребно како никогаш досега. Македонија се помирува, се обединува натпартиски и надетнички. Осумдесет пратеници ја презедоа одговорноста за овој неповратен историски исчекор за иднината на државата. Време е сите пратеници да го следат тој чекор и да се приклучат, изјави пратеникот од СДСМ Костадинов.
На новинарското прашање за тоа дека осумте пратеници од ВМРО – ДПМНЕ го условија нивното гласање со четири барања, меѓу кои е собраниското тело за помирување односно кога ќе се формира ова тело, Костадинов информира дека се очекува од понеделник да се пристапи кон негово формирање, кое ќе води до помирување меѓу пратениците во однос на она што се случи на 27 април. До неговото формирање, подвлече, не би сакал да изнесувам никакви детали, да почне целата постапка и како ќе се одвиваат ситуациите, така сите ќе бидат информирани.
Прашан кои се гаранциите дека одредените амандмани кои ги имаат поставено овие осум пратеници од ВМРО – ДПМНЕ Грција би ги прифатила, Костадинов потенцира дека прашањето е чувствително.
– Ние како одговорни политичари, како одговорни пратеници процесот го отворивме. Останува да дискутираме за секоја една точка кој води кон зачувување, зајакнување на идентитетот. Апсолутно ќе разговараме, ќе дебатираме и со грчката страна, се со цел да донесеме нешто што е здраво, а и прифатливо за двете страни, одговори Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата.
На прашањето дали очекува во второто и третото гласање да се приклучат и да гласаат и други пратеници од ВМРО – ДПМНЕ, Костадинов истакна дека е уште поголем оптимист, после она надминување, како што рече, на личните и надпартиските интереси, и верувам дека како ќе го движиме процесот, бројката на пратеници кои ќе дадат поддршка на иднината на нашата држава ќе се зголемува