Останува непроменет ставот за онлајн функционално Собрание

378 прегледи

И денес непроменет ставот на парламентарните партии, во врска со можноста пратеници болни од Ковид 19, да можат онлајн да присуствуваат на седниците.

Владејачкото мнозинство така, предлага да се дополни Деловникот и да се изгласа, и сметаат дека тоа е неоходно, додека опозицијата вели дека е противуставно и дека 62 пратеници не се доволни за Собранието да функционира.

„Деловникот се носи консензуално. Гледаме еден обид да се направи нешто надвор од консензуален договор. Очигледни се реакциите на сите пратенички групи од опозицијата од една и единствена причина затоа што бројката од 62 пратеници не е доволна за функционално работење на Собранието и во нормални услови, а не во ваква ситуација. Единствена причина поради која што се брза за работа со онлајн Собрание е затоа што немаат функционален број на пратеници за да можат да работат, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Мицевски исто така вели дека Собранието има доволен број пратеници во секој момент и дека никогаш не се помалку од 115 на собраниска седница Потребен е дијалог да се седне и да се види кои се приоритетите во Собранието за работа, вели тој.

Јован Митрески, кој е коориднатор на пратеничката група на СДСМ, уверува дека станува збор за предлог што се однесува само на пандемијата со Ковид-19.

Тој вели дека станува збор за оваа ситуација, и станува збор за пратеници кои имаат решение за изолација. Не постои друга заразна болест каде што има изолација. Значи станува збор за пратеници кои имаат исклучиво решение за изолација.

Талат Џафери пак, поднесе предлог за дополнување на Деловникот за работа на Собранието со што би се овозможило пратеници со Ковид-19 или во самоизолација да можат да се вклучат онлајн во одлучувањето на пленарните седници и на седниците на работните тела. Предлогот, кој е по скратена постапка, е ставен на дневен ред на седницата закажана за 26 ноември, четврток.

Слични содржини