Од Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) велат дека засега останува одлуката за штрајк што треба да се реализира задутре од 11 до 17 часот, без опслужување на воздушниот сообраќај на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
-Засега нема промена. Имаше некакви ветувања од директорите кои, за жал, на крај резултираа со текст кој не соодвестуваше со договореното. Доколку не го променат истиот како договорни обврски кои ги преземаат и се согласуваат да ги реализираат, остануваме на одлуката за штрајк во четврток, изјави попладнево за МИА Александар Тасевски, претседател на Струковиот синдикат на контролори на летање.
Од М-НАВ, пак, велат дека останува Синдикатот да ја каже дефинитивната одлука и да го потпише записникот од средбата што ја одржале вчера со Управниот одбор, бидејќи, како што потенцираат, раководството ги исполнило поставените барања.
– Договорено е роковите за пријавување кандидати за вработување да траат миниум 10 работни дена и соодветно да бидат информирани и членовите на синдикалните претставници, како и дека ќе се даде приоритет на неопходни вработувања на оперативниот персонал, како контролири на летање, инженери и техничари. Исто така, договорено е да се зголеми сумата за јавната набавка за консултантски услуги за анализа на систематизација на работните места, а рокот за пријавување да биде 15 работни дена. Исполнети се и барањата за реновирање на просториите на М-НАВ, односно да бидат активно вклучени во активностите, како и да се забрза целиот процес за отпочнување на тендерската постапка за што е издаден налог на вработените од секторот за воздухопловна навигација и Секторот за воздухопловна техника да изготват техничка спецификација. Проблемот со водоснабдувањето веќе е саниран, а преземени се дополнителни мерки за конечно решавање, изјавија за МИА од Секторот за односи со јавност во М-НАВ.