Останува уште еден ден: Ќе се менува ли Законот за попис?

од Берта Китинска

Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ договорија одложување на пописот, но од Алијансата и Алтернатива велат дека ќе го ќе го спречат со свои средства овој процес и дека пописот мора да продолжи онаму каде што застанал.

Лидерите на двете партии, Зијадин Села и Африм Гаши, најавија дека ќе го искористат Бадентеровиот принцип да го блокираат одложувањето на пописот.

Гаши рече дека одложувањето е на штета на Албанците во земјава.

„Од вчерашната средба има една добра и една лоша вест. Лошата вест е дека Заев и Мицкоски се договараа како никој друг да не постои во оваа држава, што е лошо за институциите и за таа мала демократска култура. Лошо е и тоа што албанскиот субјект во власта, ДУИ, исто како и во 2011 година кога Ахмети се договори со Груевски, по 10 години ова го направи и со Заев“,рече Гаши

Според Села, пак не може да има никакви ефекти од средби, како таа на Заев и Мицкоски вчера, туку смета дека за овие прашања треба да се разговара во Собранието.

-Нема да го дозволиме одложувањето на пописот. Имаме механизам да спречиме промена или одложување на Законот за попис преку Бадинетеровото мнозинство.

Според ДУИ предлогот за пролонгирање на онлајн регистрацијата на дијаспората од 1 март до 30 септември го помага пописниот процес и обезбедува дополнителни можности за регистрација на целата дијаспора.

„Контрадикторните реакции на албанската опозиција зборуваат за нивната недоследност и искреност кон граѓаните. Албанската опозиција (Алијанса за Албанците и Алтернатива) манипулираат со чувствата на Албанците од Република Северна Македонија и нашата дијаспора за профитирање на дневни политички поени”, нагласуваат од ДУИ.

Партијата потсетува дека преку неколку амандмани предложени од пратеничката група на Алијансата за Албанците и Алтернатива, се бараше пролонгирање на пописот за одределен период, односно имаше амандман за месец мај, поврзувајќи го тоа со здравствената криза предизвикана од ковид-19.

ДУИ им испраќа порака на граѓаните дека даваа поддршка процесот на регистрација да се одржи од 5 до 30 септември годинава, а истовремено ја повикува дијаспората да продолжи да се регистрира на онлајн платформата која останува отворена сѐ до 30 септември.

Министерот за правда Бојан Маричиќ тврди дека измените на Законот за попис се мали и нема да биде потребно многу време.

Слични содржини