Остануваат уште четири дена до завршувањето на кампањата пред вториот круг на локалните избори. Учесниците во изборниот процес ги продолжуваат активностите.Дел од партиите веќе и јавно се изјаснија на кого ќе ја дадат поддршката во вториот круг.Касами и Села заедно пртив Ахмети и Тачи во вториот круг од локалните избори. Владејачката БЕСА и опозициската Алијанса на Албанците попладнево со изјави ја потврдија соработката и ги повикаа своите гласачаи да ги поддржат кандидатите на спротивната партија онаму каде што е во трка со кандидати на ДУИ.
Меѓусебната поддршка на двете албански партии може да е клучна БЕСА да го добие Тетово и да ја смени Теута Арифи од ДУИ, додека пак, Таравари да го победи Бејта од ДУИ и да продолжи со втор мандат во Гостивар.
Прва раката ја подаде БЕСА.Од Алијанса веднаш се согласија на меѓусебна поддршка.
Неизвесно е дали ваквата сорабтока ќе значи и промена на местото на БЕСА во владејачката коалиција имајќи пред вид дека опозицијата по првиот круг најавуваа ново владино мнозинство.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја реафирмираше поддршката за кандидатите на Алијанса на Албанците и Алтернатива. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во саботата најави дека во местата каде немаат свои кандидати во вториот круг, ќе ги поддржат кандидатите кои се опозиција на власта.
– ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијансата на Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржиме кандидатите кои се опозиција на власта и се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална, рече Николоски.